Катастар на недвижности

Катастар на недвижности е јавна книга во која се врши запишување на правото на сопственост и на другите стварни права на недвижностите, податоците за недвижностите, како и на другите права и факти, чие запишување е утврдено со закон.
 

Премер на  недвижности е прибирање просторни и описни податоци за недвижности во функција на востановување и одржување на катастарот на недвижности и нивна обработка и обликување. При премерот на недвижности се прибираат просторни дводимензионални и описни податоци за недвижностите и се врши нивна обработка и обликување во функција на востановување и одржување на катастарот на недвижности.
 

Недвижности се земјишта, згради, посебни делови од згради и други објекти, како и други недвижности што се запишуваат во катастарот на недвижности во согласност со закон.
 


Начини на востановување на катастарот на недвижности


Катастарот на недвижности се востановува при систематско запишување на правата на недвижностите, поединечно запишување на правата на недвижностите, запишување незапишани права на недвижностите по востановен катастар на недвижности и конверзија на податоците од катастар на земјиште во катастар на недвижности. Во катастарот на недвижности се запишува право на сопственост,  подоблици на правото на сопственост (сосопственост и заедничка сопственост), други стварни права (право на службеност, право на залог -  хипотека, право на реален товар и право на стварноправен долготраен закуп на градежно земјиште), право на лизинг, фидуцијарна хипотека, како и други права и факти чие запишување е утврдено со закон.