Историски развој на Агенцијата за катастар на недвижности

Со Одлука на Владата на Народна Република Македонија, објавена во „Службен весник на НРМ“ број 25/1947, на 14 јули 1947 година е формирана Геодетскатa управа на Народна Република Македонија.



Во 1967 година со Одлука на Владата на Народна Република Македонија, Геодетската управа е преименувана во Републичка геодетска управа, како самостоен орган во рамките на   државната управа.

 

Во 1977 година, со цел да се зголеми продуктивноста и ефикасноста во извршувањето на управните и оперативните работи, со решение на тогашниот Извршен совет, направена е реорганизација на Републичката геодетска управа и поголемиот дел од вработените се прераспоредени во новоформираниот Завод за геодетски и фотограметриски работи. Со формирањето на Заводот за геодетски и фотограметриски работи, Републичката геодетска управа продолжува да ги извршува управните работи од областа на законодавството во соработка со републиките во тогашна Југославија, и тоа за меѓународна соработка, донесување годишни и петгодишни програми за премер, финансирање на основните геодетски работи, надзор и контрола на извршените оперативни геодетски работи, архивирање и дистрибуција на геодетските планови и карти, како и за други тековни работи.

 

Во 1989 година, со Одлука на Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија, Заводот за геодетски и фотограметриски работи повторно е интегриран во Републичка геодетска управа која покрај управните, со измените ги извршува и оперативните геодетски работи. Наедно, со оваа одлука сите 30 катастарски канцеларии од општинско (локално) ниво преминуваат во надлежност на Републичката геодетска управа, односно на републичко ниво.

 

Во 2002 година, со Законот за организација и работа на органите на државната управа, Републичката геодетска управа е преименувана во Државен завод за геодетски работи кој продолжува како нејзин правен следбеник.

 

Во 2005 година, со измените и дополнувањата на Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, воведена е приватната геодетска практика за вршење на оперативните (теренски) геодетски работи од премерот, во вид на јавни овластувања. 

 

Во 2008 година, со новиот Закон за катастар на недвижности, односно со донесување на Решението на Владата на Република Македонија за именување членови на Управниот одбор на Агенцијата за катастар на недвижности бр. 33-2022/6 од 6 мај 2008 година, Државниот завод за геодетски работи продолжува да работи како Агенција за катастар на недвижности, како негов правен следбеник.