Квартален извештај од Регистарот на цени и закупнини

13.04 2017

 

На денешнава прес-конференција сакаме да ве информираме за обемот на трансакции регистрирани во Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности, како и за движењето на цените и закупите во Република Македонија за периодот јануари - март 2017 година, односно за првиот квартал од оваа година. Оваа година во Регистарот на цени и закупнини се запишани вкупно 2.590 трансакции што претставува најмал број регистрирани трансакции за еден квартал од воспоставувањето на Регистарот на цени и закупнини. Најмногу трансакции се регистрирани во март кога во Регистарот се впишани 1.040 трансакции, додека најмал број  трансакции се регистрирани во јануари, и тоа само 613 што претставува најмал број трансакции регистрирани за еден месец од воспоставувањето на Регистарот на цени и закупнини во 2015 година.  Од севкупниот број трансакции со недвижности, 79 % се однесуваат на продажби, 18 % на закупи, 2 % на продажби од инвеститор и 1 % на откупи од Република Македонија. 
Доколку направиме споредба помеѓу првиот квартал од 2016 година кога се регистрирани 5.332 трансакции со првиот квартал од 2017 година, ќе забележиме огромно намалување на регистрираните трансакции од 2.742 трансакции што претставува намалување на обемот на трансакции од 51,4 %. Доколку, пак, направиме споредба со четвртиот квартал од 2016 година кога се регистрирани 5.354 трансакции, ќе забележиме намалување од 2.764 трансакции.  Ваквото намалување на бројот на трансакции, пред сѐ се должи на зголемените законски бариери на пазарот на недвижности, неговата презаситеност со новоизградени недвижности и непроменетите цени и покрај лошите услови на пазарот. 
 
 
Што се однесува до продадените новоградби, во овој квартал се регистрирани 51 ваква продажба што претставува намалување за 311 продажби во однос на четвртиот квартал од 2016 година кога беа регистрирани 362 продажби на новоградби. Во овој квартал согласно со податоците од базата на катастарот на недвижности има 3.030 новоизградени станови кои се непродадени и се нудат на пазарот на недвижности, додека во тек на градба се 8.777  станови на целата територија на Република Македонија. Во четвртиот квартал од 2016 година беа регистрирани 2.805 непродадени станови кои се нудеа на пазарот на недвижности и 8.452 станови кои беа во тек на градба. Доколку ги споредиме овие два квартала, можеме да забележиме зголемување на непродадените станови за 225 стана и раст на становите кои се во градба од 325 стана кои треба да бидат довршени и понудени на пазарот со недвижности. 
Што се однeсува до продажбите, во текот на првиот квартал од 2017 година се регистрирани 2.135 продажби на недвижности со вкупна цена од околу 2,5 милијарди денари. Што се однесува до закупите, вкупниот број регистрирани закупи изнесува 455 со вкупна месечна закупнина од околу 2,4 милиони денари.       
Што се одnесува до цените на недвижностите, цената на метар квадратен станбен простор во општина Центар бележи мал пад, па така во четвртиот квартал од 2016 година изнесува 58.620 денари, додека во првиот квартал од оваа година изнесува 45.562 денари.  Во општина Аеродром во последниот квартал од 2016 година метар квадратен станбен простор изнесувал 47.522 денари, додека во првиот квартал од 2017 година изнесува 51.739 денари што претставува мал раст на цените на становите во оваа општина. Во општина Карпош има зголемување на цената на становите, односно минатата година за метар квадратен станбен простор во оваа општина се плаќало по 55.273 денари, a на почетокот на оваа година метар квадратен изнесува 61.163 денари. Во општина Ѓорче Петров има зголемување на цената на метар квадратен станбен простор, па споредбено со претходниот квартал се забележува зголемување од 6.086 денари и цената на почетокот на оваа година изнесува 48.585 денари. Во Кисела Вода исто така се забележува зголемување на цените на становите, односно во последниот квартал од 2016 година цената изнесувала 47.484 днеари, додека во првиот квартал од оваа година изнесува 54.335 денари. 
 
 
Што се однесува до општините надвор од Скопје, стабилна цена на станбениот простор има во општина Струмица каде што цената се движи околу 33.000 денари. Во општина Битола е забележан голем раст на цените на станбениот простор, па доколку во четвртиот квартал од 2016 година просечната цена на метар квадратен изнесувала 30.117 денари, во првиот квартал од 2017 година изнесува 41.546 денари што претставува раст од 11.429 денари. Во Куманово има стабилна цена на становите и таа се движи околу 28.000 денари за метар квадратен. Во општина Охрид, исто така, има стабилизирање на цената на становите и таа се движи околу 46.500 денари за метар квадратен. 
Што се однесува до цените на закупите, во овој квартал се регистрирани само 2 закупа на станови и 28 закупи на деловни простории што претставува огромен пад на пазарот на закупи и мал број трансакции и поради тоа не можеме да објавиме просечни цени на закупите на становите и деловните простории.
Кај пазарот на хипотеки што се составен дел од Извештајот на Регистарот на цени и закупнини се забележува раст на бројот на станови што се наоѓаат под хипотека од 0,2 %, па така на ниво на Република Македонија, од вкупниот број регистрирани станови 10,09 % се наоѓаат под  хипотека.
Можеме да заклучиме дека има намалување на активностите на пазарот на недвижности по зголемувањето на активностите кои ги регистриравме во текот на 2016 година. Исто така, можеме да заклучиме дека бројот на новоградби и станови кои се во тек на градба, односно понудата на станови на пазарот ја задоволува побарувачката на станови, и во моментот има доволна залиха на новоизградени станови доколку се зголеми побарувачката. Доколку останат исти условите на пазарот подолг временски период, Агенцијата за катастар на недвижности во наредниот период очекува благ пад на цените на недвижностите, пред сѐ поради зголемената градежна активност, а значително намалената побарувачка на станови. Исто така, во прилог оди и намалената каматна стапка на станбените кредити кај одредени комерцијални банки, како реакција на намалената активност на пазарот на недвижности.