Регистар на цени и закупнини за период од 4.2016-6.2016

16.12 2016

 

На денешната прес-конференција сакаме да Ве информираме за обемот на трансакции регистирани во Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата, како и за движењето на цените и закупите на недвижностите во Република Македонија за периодот од aприл до jуни 2016 година, односно за вториот квартал од оваа година. Регистарот на цени и закупнини стартуваше со работа во март минатата година и оттогаш до јуни 2016 година во него се регистрирани вкупно 29.903 трансакции во кои спаѓаат продажби и закупи на недвижности, односно продажбите на лицитација, продажбите од инвеститор, како и откупите од Република Македонија. 
Во вториот квартал од 2016 година, во Регистарот на цени и закупнини се запишани вкупно 5.922 трансакции. Доколку направиме споредба со истиот квартал од минатата година кога беа регистрирани 4.633 трансакции, оваа година бележиме пораст од 1.289 трансакции. Сепак, споредено со трансакциите од првиот квартал на 2016 година кога во Регистарот беа запишани 7.922 трансакции, забележуваме пад на бројот на трансакции со недвижности за околу  2.000 трансакции.
 
Од вкупниот број трансакции за вториот квартал од 2016 година, дури 58 % отпаѓаат на продажби, 30 % на закупи, 9 % на продажби од инвеститор, односно први продажби на недвижностите и само 3% од трансакциите отпаѓаат на откупи од Република Македонија. Во овој период не се регистрирани продажби по пат на лицитација. 
Споредбено со истиот квартал од 2015 година, оваа година бележиме раст на продажбите за 3 %, како и раст на продажбите од инвеститор за 1 %, додека кај закупите бележиме пад на трансакциите за 4 %. Откупите од Република Македонија во вториот квартал од 2015 и од 2016 година е идентичен, односно изнесува 3 % од вкупниот број трансакции. 
 
Најголем број трансакции во овој квартал се забележани во април кога се регистрирани 2.119 трансакции, додека најмал број трансакции се регистрирани во мај - 1.891 трансакција. 
Што се однесува до продадените новоградби, во овој квартал се регистрирани 499  вакви продажби што претставува намалување за 228 продажби во однос на истиот период минатата година, кога беа регистрирани 727 продажби на новоградби.
 
Во овој квартал согласно со податоците од електронскиот катастар имаме 2.842 стана кои се непродадени и се нудат на пазарот на недвижности, додека во тек на градба се 7.969 станови на целата територија на Република Македонија. Во првиот квартал од 2016 година беа регистрирани 2.564 непродадени станови кои се нудеа на пазарот на недвижности и 5.107 станови кои беа во тек на градба. Доколку ги споредиме овие два квартала, можеме да забележиме раст на непродадените станови од 278 и раст од 2.862 стана кои се во градба.
 
 
Во делот на продажбите, во овој квартал се регистрирани 3.954 продажби со вкупна вредност од 8.201.779.569 денари или околу 133,3 милиони евра. Во истиот квартал од 2015 година се регистрирани 2.910 продажби со вкупна вредност од 5.423.674.733 денари или 88,1 милион евра, при што оваа година бележиме зголемување на продажбите за 1.044 и зголемување на вредноста за 2.778.104.836 денари или 45,1 милиони евра. 
Доколку се направи споредба на вториот квартал со првиот квартал од оваа година, се забележува намалување на продажбите за 1.259 и намалување на вредноста за 1.085.347.158 денари или 17,6 милиони евра. 
Кај закупите во овој квартал се регистрирани 1.799 трансакции со вредност на вкупната месечна закупнина од 42.060.479 денари или 684 илијади евра. Споредбено со вториот квартал од 2015 година, бележиме зголемување на закупите за 163 трансакции и зголемување на вредноста за 10.701.363 денари или 174 илјади евра. 
Споредбено, пак, со првиот квартал од 2016 година има регистрирано 2.771 закуп со вкупна месечна вредност од 40.756.614 денари или 662 илјади евра. Во овој квартал се забележува намалување на закупите за 972 трансакции, но зголемување на вредноста за 1.303.865 денари или 21 илјада евра. Причината да имаме зголемување на обемот на вредноста на закупите во услови на намален број трансакции е поради тоа што во првиот квартал од 2016 година имаме доминантен број закупи на земјоделско земјиште, додека во вториот квартал имаме доминантен број закупи на станбен и на деловен простор.
 
Доколку ги разгледаме цените на становите по општини, ќе забележиме дека тие се стабилни и се во одреденото ниво на флуктација од плус-минус 3.000 денари помеѓу различни квартали. Има и мал број општини каде што овие разлики се повисоки и каде што се утврдуваат некои надолни трендови на цените на становите, но и општини каде што имаме нагорни трендови на раст на цените.
  
Така, цената на метар квадратен станбен простор во општина Центар во вториот квартал од 2015 година изнесува 62.643 денари, а во вториот квартал од 2016 изнесува 55.994 денари што претставува пад на цените на станбениот простор во оваа општина за 6.649 денари. За разлика од општина Центар, во општина Аеродром имаме стабилна цена на становите, односно цента на еден метар квадратен станбен простор во вториот квартал од 2015 година изнесува 52.117 денари, а во вториот квартал од 2016 година изнесува 50.155 денари што претставува мала разлика во цените. Истиот случај го имаме и во општина Карпош каде што има скоро идентична вредност на становите од вториот квартал од 2015, и тоа 54.210 денари, додека во вториот квартал од оваа година цената изнесува 54.548 денари за метар квадратен станбен простор.
 
 
 Што се однесува до општините надвор од Скопје, стабилна цена на станбениот простор има во општина Струмица каде што во 2015 година е регистрирана цена од 33.083 денари, а за истиот период оваа година е регистрирана просечна цена од 32.033 денари. Во општина Тетово во вториот квартал од 2015 година има просечна цена од 33.814 денари, додека во третиот и во четвртиот квартал има пад на цената. Во првите два квартали од 2016 година се бележи стабилизирање на цената, и тоа на 25.321 денар за метар квадратен станбен простор. 
Во општина Охрид во овој квартал се бележи раст на цената на метар квадратен станбен простор и таа изнесува 57.957 денари, што во споредба со истиот период минатата година, просечната цена изнесува 43.447 денари, односно раст од 14.510 денари. 
 
Што се однесува до цените на закупите на месечно ниво, кај одредени општини се бележи тренд на благо опаѓање на цените, додека кај други општини стабилни цени на закупнините на станбениот простор. Во општина Карпош за закуп на метар квадратен станбен простор во вториот квартал од 2015 година се плаќало 230 денари, а истиот период оваа година изнесува 204 денари. Поголем пад на закупнината за метар квадратен станбен простор се забележува во општина Куманово каде што во 2015 изнесува 170 денари, а во вториот квартал од 2016 година достигнува цена од 86 денари. Стабилни закупнини се забележуваат во општина Аеродром каде што во вториот квартал од 2015 година сме имале просечна месечна закупнина за метар квадратен станбен простор од 180 денари, а за истиот период оваа година бележиме цена од 168 денари. Во општина Центар во средината на минатата година, просечната закупнина за метар квадратен станбен простор изнесувала 277 денари. Во текот на изминатите квартали цената варира, меѓутоа во вториот квартал од оваа година изнесува 256 денари што претставува благо намалување на закупнината и се смета за стабила вредност. 
 
Можеме да заклучиме дека во вториот квартал од 2016 година имаме намалување на активностите на пазарот на недвижностите и надолен тренд на бројот на трансакции. Исто така, можеме да заклучиме дека бројот на новоизградени станови и станови кои се во тек на градба, односно понудата на станови на пазарот ја задоволува побарувачката на станови, и во моментот имаме доволна залиха на новоизградени станови. Што се однесува до цените на пазарот на недвижности, тие се стабилни и со благ пад во некои општини во делот на закупите. Агенцијата за катастар на недвижности во наредниот период очекува да продолжи растот на понудата, односно зголемување на бројот на новоизградени станови, и да дојде до благ пад на цените на недвижностите како резултат на  намалената активност на пазарот на недвижности.

Извештајот од регистарот на цени и закупнини за периодот 1.4.2016 - 31.6.2016 година може да го преземете на следниов линк.