Отворени денови со граѓаните на Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за имотно-правни работи, Управата за јавни приходи и на Управата за водење на матичните книги

05.12 2016


Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за јавни приходи, Управата за имотно-правни работи и Управата за водење матични книги, од денес па до петок во новата зграда на јавната администрација во Струмица - проект на Владата на Р.Македонија,  ги отворија вратите за сите граѓани од Струмица и Струмичко со цел да се запознаат со новите услови за работа на вработените и на новиот шалтерски систем што ќе овозможи на едно место граѓаните и бизнис-заедницата да ги добијат услугите од Катастарот, даночните услуги и услугите што ги даваат Управата за имотно-правни работи и матичните книги.

 

 

Зградата е со површина од 1886 м2 од кои 86 м2 ги  користи Управата за имотно-правни работи, 89 м2 ги користи Управата за водење матични книги, 431 м2 користи Агенцијата за катастар на недвижности, 757 м2 користи Управата за јавни приходи и 523 м2 се заеднички простории, со вкупна вредност на инвестицијата од 1,1 милиони евра.
 
Овој проект е добар пример како треба да се организираат подрачните одделенија на институциите од централната власт во сите градови во државава бидејќи од една страна имаме намалување на трошоците за комунални услуги и поштарина, а од  друга страна имаме поквалитетни и поефикасни услуги за граѓаните и за бизнис-заедницата.
 
 
Би сакал да ја информирам јавноста дека „отворените денови“ освен во Струмица, од вторник екипи на Катастарот ќе има и во општината Василево, а во среда и во Босилово и Ново Село за да бидеме поблиску до граѓаните и до бизнис-заедницата.  Деветтата по ред акција „Отворени денови на Катастарот“ која започна од октомври оваа година ќе заврши во февруари 2017 година. Во овој циклус, досега се посетени 22 општини и примени се вкупно 516 граѓани и 86 компании.
 
Одделението за катастар на недвижности-Струмица досега има примено 51.468 предмети  и сите се решени во законски предвидениот рок.
 
Во однос на легализацијата на бесправно изградените објекти, во Катастарот се запишани вкупно 167 илјади легализирани бесправно изградени објекти од кои 7626 се во Струмица.

 
Во однос на идниот развој на Катастарот, согласно со Стратешкиот план на Агенцијата за катастар на недвижности, предвидени се да се извршат три нови премери кои ќе ја опфатат целата територија на Република Македонија, и тоа:
 
• ќе се изврши нов премер од страна на Катастарот на сите парцели каде што има навлегување на едни соседи кај други, фиктивни делби, грешки на Катастарот од авионските снимања; 
• ќе се изврши нов премер во катастарските општини каде што катастарот на земјиште бил воспоставен врз основа на попис или т.н. пописен катастар, како и нов премер на катастарските општини каде што катастарот на недвижности е стапен по пат на конверзија, односно не е вршен премер на парцелите;
• ќе се изврши премер на инфраструктури во државна и општинска сопственост.
Согласно со Стратешкиот план на Агенцијата е предвидено и воспоставување на 3 нови регистри, и тоа:
• нов Адресен регистар на Република Македонија усогласен согласно со Техничката спецификација на INSPIRE-директивата на Европската Унија од 2014 година; 
• Регистар на градежно земјиште  што ќе овозможи поефикасен и потранспарентен процес на урбанистичко планирање; и 
• масовна процена на недвижностите со што секоја недвижност во Република Македонија ќе добие своја пазарна вредност.
Согласно со Стратешкиот план, Агенцијата за катастар на недвижности електронски ќе се поврзе со:
• европските катастри (ЕУЛИС );
• поврзување на владиниот НИПП-портал  со порталите на државите од регионот;
• поврзување на системот за издавање градежни дозволи што го користат општините со електронскиот шалтер на Агенцијата за катастар на недвижности.
 

Согласно со Стратешкиот план, Агенцијата за катастар на недвижности ќе ги надгради своите бази на податоци согласно со европските трендови, и тоа:
 
• ќе се изврши ортофото ласерско скенирање на целата територија на Република Македонија;
• ќе воспостави тридимензионален или 3Д-катастар  што ќе овозможи добивање на реален тридимензионален приказ на теренот, а со тоа и на недвижностите и објектите и нивната поставеност во просторот, висина и длабочина.

Во новиот Стратешки план има и други нови проекти како превод на 2 милиони тапии, прибележување на осигурителните полиси, сертификатите за енергетска ефикасност и гаранциите за градба на новоизградените објекти во имотните листови, како и други проекти.