Годишен извештај од регистарот на цени и закупнини

14.11 2016


На денешнава прес-конференција сакаме да ве информираме за обемот на трансакции регистирани во Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата, за движењето на цените и закупите во Република Македонија и да дадеме некои основни индикатори за пазарот на недвижности. Извештајот што ќе го презентираме денеска опфаќа едногодишен период, започнувајќи од вториот квартал минатата година кога го воспоставивме Регистарот на цени и закупнини, па сѐ до првиот квартал од оваа година. Во овој период во Регистарот на цени и закупнини се регистрирани вкупно 23.981 трансакција во кои спаѓаат продажбите и закупите на недвижности, продажбите на лицитација, продажбите од инвеститор и откупите од Република Македонија, во вредност од 511 милиони евра. 
 
Од вкупниот број трансакции, дури 56% се однесуваат на купопродажби на недвижности, 34% на закупи на недвижности, додека 7% отпаѓаат на продажби од инвеститор, односно продажби на новоизградени недвижности. Откупите од Република Македонија се застапени со 3% од пазарот на недвижностите. За овој период во Регистарот на цени и закупнини се регистрирани вкупно 1.679 купопродажби на новоизградени станови.
 
Согласно со евиденцијата што ја има Катастарот, заклучно со првиот квартал од 2016 година, на пазарот на недвижности имаме 2.564 новоизградени непродадени станови, а видно од листовите за предбележување градба, имаме во изградба 5.107 станови. Можеме да заклучиме дека понудата на станови на пазарот на недвижности ја надминува побарувачката на новоизградени станови. 
 
Доколку ги разгледаме трансакциите по месеци, ќе забележиме дека најголема активност на пазарот со недвижности е регистрирана во март оваа година, односно имаме 2.980 трансакции што претставува и рекорден број трансакции регистрирани во Регистарот на цени и закупнини за период од еден месец. Најмалку трансакции во периодот од април 2015 година до 31 март 2016 година се регистрирани во мај 2015 година кога имаме регистрирано само 1.319 трансакции. Генрално, доколку ја погледнеме кривата на трансакции, ќе заклучиме дека имаме нагорен тренд, односно дека од октомври 2015 година имаме зголемена активност на пазарот на недвижности. 
 
 
Доколку ги разгледаме продажбите на квартално ниво, ќе забележиме нагорен тренд на продажбите, односно нивно зголемување на квартално ниво, па така во 2 квартал од 2015 година имаме регистрирано 2.910 купопродажби на недвижности. Во првиот квартал од оваа година имаме 5.213 купопродажби што е за две третини повеќе од 2 квартал во 2015 година. Заедно со зголемувањето на продажбите бележиме и зголемување на вкупната вредност на трансакциите, односно ако во 2 квартал од 2015 година имаме вкупна цена на продажбите од 5.423.674.733 денари, таа во првиот квартал од 2016 година изнесува 9.287.126.727 денари. Односно, за период од една година вкупно се регистрирани 15.865 купопродажби на недвижности, со вкупна постигната цена од  29.708.844.825 денари.
 
Што се однесува до закупите и кај нив бележиме благ пораст на трансакциите, односно нагорен тренд, па така во 2 квартал од 2015 имаме регистрирано 1.636 закупи, додека за првиот квартал од оваа година се регистрирани 2.771 закуп на недвижности. Најмала постигната вкупна квартална закупнина е регистрирана во 3 квартал од 2015 година со вредност од 28.491.131 денар, додека во првиот квартал од 2016 година имаме вкупна вредност на закупите од 40.756.614 денари. За целокупниот период имаме регистрирано вкупно 8.116 закупи со вкупна вредност од 135.258.099 денари. 
 
Она на што најмногу се фокусиравме во овој извештај и што сметаме дека е најинтересно за општата јавност и пред сѐ за граѓаните, се просечните цени и закупнини на становите во Република Македонија. Генерално, анализите покажуваат дека имаме благ пад на цените на становите во одредени општини, додека одредени општини бележат и благ пораст на цените, но тие разлики се вклопуваат во маргини од 3.000 денари за метар квадратен што не претставува голема разлика. Како едни од оние што бележат пад можеме да ги издвоиме становите кои се продавале на територијата на општина Центар каде што во вториот квартал од 2015 година, просечната цена за метар квадратен изнесувала 62.643 денари, додека во првиот квартал од оваа година изнесува 57.502 денари. Најниска цена за метар квадратен бележат становите во општина Аеродром во третиот квартал од минатата година, но потоа цената се стабилизира на нивоата од претходните квартали и изнесува 51.595 денари по метар квадратен. За разлика од претходните општини на Град Скопје, во општина Ѓорче Петров бележиме благ пораст на цените на становите, односно доколку во вториот квартал од 2015 година цената по метар квадратен станбен простор изнесувала 39.040 денари, во првиот квартал од 2016 година изнесува 45.281 денар. 
 
 
За општините надвор од Скопје, во општина Битола по падот на цените во третиот квартал од минатата година, се забележува благ пораст во првиот квартал од 2016 година, па така цената на метар квадратен станбен простор во Битола изнесува 36.168 денари. Благ пад на цените на становите е забележан во Тетово каде што цената на метар квадратен во период од една година се намалила од 33.814 на 25.599 денари. 
 
Новина која ја воведува Агенцијата за катастар на недвижности, покрај бројот на непродадени станови и станови кои се во тек на градба, во Извештајот за првиот квартал за оваа година се и хипотеките, односно бројот на хипотеките и бројот на становите кои се наоѓаат под хипотека. Статистиките од нашиот електронски катастар покажуваат дека во првиот квартал од оваа година, од вкупно 1.028.463 запишани станови имаме  99.927 станови под хипотека, што претставува 9,72% од вкупниот број станови запишани во катастарот на недвижности. Можеме да заклучиме дека имаме слабо развиен пазар на хипотеки со недвижности и дека имаме уште простор за напредок во овој дел, бидејќи за развиен пазар на хипотеки се смета оној кој има над 30% хипотекарни кредити на вкупниот број недвижности.
 
Презентираните податоци за граѓаните и за бизнис-заедницата се достапни на следниот линк.