Отворен ден на катастарот за компаниите

19.10 2016

Агенцијата за катастар на недвижности деветта година по ред ја спроведува акцијата „Отворени денови на Катастарот“. Новина за оваа година е воведување „отворен ден“ за компаниите во Република Македонија. Денес, во соработка со Сојузот на стопански комори на Република Македонија имаме „отворен ден“ за компаниите од Градот Скопје.

  Со ова се овозможува на Агенцијата за катастар на недвижности да биде поблиску до граѓаните и до компаниите во Република Македонија, да ги слушне сите критики, забелешки и предлози, детално да ги разгледа и да изнајде начин за решавање, сѐ со цел полесно и поедноставно остварување на правото на сопственост како едно од највисоките уставни права на граѓаните и бизнис-заедницата.   

 

Соработката на Агенцијата за катастар на недвижности и Сојузот на стопански комори на Република Македонија започна да ги дава првичните резултати. 

  По  одржаниот состанок на 20 септември оваа година, започнавме со детално разгледување на проблемите со кои се соочуваат градежните компании кои се однесуваа пред сѐ во делот на запишување на станбените згради и отворените гаражни места  во катастарот.  

Како резултат на оваа соработка и соработката со Геодетската комора на Република Македонија, Управниот одбор на Агенцијата за катастар на недвижности донесе дополнувања на Правилникот за премер на недвижности, Правилникот за геодетски работи за посебни намени и Правилникот за одржување на катастарот на недвижности.  Со дополнувањето на овие правилници се направи подобрување на регулативата, па така гаражните места со отворена површина кои се наоѓаат надвор од затворениот гаражен простор во објектот, можат да се предбележуваат во Листот за предбележување градба, а по изградбата на објектот ќе можат да бидат и предмет на премер и нивно запишување во катастарот на недвижности доколку основното одобрение за градење е издадено пред 29.8.2016 година, односно денот на влегување во сила на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за премер на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ број 157/16).

 

   Со оваа мерка се надминува проблемот кои го имаа инвеститорите за сите објекти за кои добиле одобрение за градба пред воведувањето на новините со Законот за градежно земјиште, односно воведувањето на задолжителноста при продавање стан да се продава и дел од земјиштето кое ќе биде во заедничка сопственост. Покрај ова подобрување на регулативата, со дополнувањето на правилниците се воведе и една новина, а тоа е можноста доколку се утврди дека геодетскиот елаборат изработен од приватните геодетски фирми има грешки во атрибутните, односно описните податоци, но не и грешки во просторните  податоци, да може да се изготви анекс на геодетскиот елаборат со кој ќе се изврши корекција на атрибутните податоци. Во анексот треба да бидат содржани сите коригирани податоци, а во техничкиот извештај да бидат  наведени причините за исправката. Со воведувањето на оваа новина се забрзува постапката за запишување на објектите во катастарот и се намалуваат трошоците на инвеститорите бидејќи досега при евентуални грешки направени од страна на приватните геодетски фирми требаше да се изготви нов геодетски елаборат што чини време и средства, а отсега со анекс на геодетскиот елаборат ќе можат брзо да се отстранат техничките пропусти, а со тоа и побрзо да се запише објектот во катастарот.

Соработката со бизнис-заедницата во Република Македонија продолжува, па така акцијата „Отворени денови на Катастарот“ веќе наредната недела продолжуваат во Прилеп и Битола, а до февруари 2017 година ќе бидат посетени сите градови во Република Македонија.